Олумчев: Бројките не се алармантни сè додека болниците се празни
За една недела над 50 проценти зголемен бројот на новозаболени од Ковид-19. Епидемиолозите смируваат-иако има заболени, симптоматологијата е лесна, а бројот на хоспитализиранити е низок. Очекуваат намалување на трансмисијата на вирусот кон крајот на летото…

Нормално е во сезона на годишни одмори, кога туристичките места се полни, а подваријантата на вирусот е од седум до десет пати позаразна, да имаме ваков скок на новозаразени, вели епидемиологот Олумчев. Тој очекува овој бран да почне да стивнува по 20-ти август.
„Кој како се враќа од одмор, дали од соседна Грција, поголемиот дел после неколку дена се јавуваат за тестирање. Тоа значи дека се појавува некаква симптоматологија, поголемиот дел се позитивни, го прележуваат за неколку дена и тоа е добро. Нека си остане така како што е, меѓутоа треба да внимаваме затоа што овој вирус е многу паметен, може да направи проблем, и затоа треба да бидеме во состојба на борбена готовност, да ја дочекаме есента подготвени и со поголем колективен имунитет и да го канализираме вирусот да биде ендемски“, изјави епидемиологот д-р Сашко Олумчев.
За една недела, бројот на нови случаи се зголеми за 55,7% во однос на минатата. Процентот на позитивност е 42,2%. Има зголемување кај сите возрасни групи, најмногу кај најмалите деца. Стотина пациенти се на болничко лекување.
„Не сме на некое завидно ниво со процентот на имунизација, така што секоја реинфекција ќе биде од полза во градењето на колективниот имунитет кој ќе ни треба за на есен, кога ќе циркулираат и други респираторни вируси. Во моментот за да изградиме колективен имунитет ние имаме неколку опции-или да се вакцинираме, или да се заразиме, или хибриден имунитет на изградиме со вакцина и со заразување“, нагласува д-р Олумчев.
Бројките не се алармантни сè додека болниците се празни, вели епидемиологот Олумчев. За ковид состојбата во земјава неделава повторно ќе расправа Комисијата за заразни болести.
Наташа Јанчиќ-Менковски
