Собрание

Џафери: Прерано е да се зборува за референдум и за уставни измени

28.07.2022 12:57

Спикерот Џафери смета дека е прерано е да се зборува за иницијатива за референдум и за уставните измени. Треба да се почека дали и што ќе биде доставено до Собранието. Според него, законодавниот дом е функционален и покрај обвинувањата на опозицијата. Ги прозва претседателите на комисиите за неефикасноста…

Прерано е да се зборува за референдум и за уставни измени како точки на собраниска седница, вели спикерот Џафери. Тој смета дека треба да се почека дали и што ќе биде доставено до законодавниот дом за да може детално да се изјасни какви би биле процедурите. На брифинг со новинарите, Џафери рече дека донесувањето на законите и другите акти ги блокираат претседателите на комисиите, а не тој. Сè додека тие не поминат како точки на соодветните комисии, не може да се разгледуваат на пленарна седница. Затоа, Џафери смета дека е добро граѓаните да знаат дека токму тие што ги избрале како свои претставници го кочат донесувањето на 80 точки сега заглавени кај нив, а не тој како претседател на Собранието. Џафери информираше и за последните настани со немањето кворум за седниците.

„Пратениците се должни, откако ќе се потпишат дека дошле во Собранието да влезат во салата и да учествуваат во работата. Секако дека може да излегуваат и влегуваат, но мора да се присутни кога се одлучува. Недозволиво е да земаат патни трошоци, а да не сработат ништо. Граѓаните мора да го знаат тоа. Уште полошо е што некои претседатели на партии кои се и пратеници ги нема на седниците, барем кога се носат важни одлуки за земјата. Но, нив едноставно ги нема. Оваа состојба мора да се промени и веројатно ќе се реши со новиот Деловник“, вели Џафери.

Никогаш дисциплината не била на толку ниско ниво, се пожали спикерот на комуникацијата во законодавниот дом. Прашан дали кога се заканил дека ќе поднесе иницијатива за распуштање на Собранието алудирал на предвремени избори, Џафери рече дека се знае што следува после распуштање на Собранието, но е дециден дека избори ќе нема. Првата седница по одморите може да се очекува на почетокот на септември.

Фиљана Кока