Барањето за референдум во фокус на седницата за пратенички прашања
Барањето за референдум е исклучиво за внатрешно-партиска употреба на ВМРО-ДПМНЕ, одговори премиерот Ковачевски на пратеничко прашање од опозицијата доколку Владата е убедена во исправноста, зошто е проблем да се организира изјаснување на граѓаните. Во Собранието седница за пратенички прашања…

Зошто бегате и се плашите од референдумот-прашање директно упатено до премиерот Ковачевски. Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владата нема кредибилитет да одлучува за рамка со која се асимилира народот. Вие не знаете ниту какво треба да биде референдумското прашање-одговори Ковачевски, кој смета дека опозицијата бара референдум исклучиво за внатрепартиска употреба.
„Вие знаете дека народот ќе излезе на референдум и масовно ќе биде против ваквите предлози на асимилација и бугаризација којашто ја туркате вие како премиер и оние коишто ве поддржуваат и затоа за гола власт бегате и сакате да купите ден повеќе“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Во однос на вашето барање за референдум, тоа е исклучиво за ваша внатрешна партиска употреба. Зошто она што го правевте, тука на местото на Мицевски, Апасиев треба да седи“, одговори премиерот Димитар Ковачевски.
Обвинувањата кој ги лаже граѓаните искажани од собраниската говорница го зголемија и тонот на обраќање меѓу пратениците.
„Немате допирна точка со реалноста, со граѓаните. Велите 68 пратеници биле ЗА, но уште ви е затворено Собранието со барикади напред. Влегуваме од споредни патишта…“, рече пратеникот Никола Мицевски, од ВМРО-ДПМНЕ.
„Колега Мицевски, има тука стенограми, гласавте за членство на Северна Македонија во НАТО, иако Северна не ја признавате“, возврати пратеникот Јован Митрески од СДСМ.
На пратеничките прашања се прашуваше и одговараше за договорот со ЕУ, битуменот, аферата со Жан Митрев.
Миле Ристески
