На иста бранова должина, Мицкоски пријатно изненаден од Пендаровски
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски бил пријатно изненаден од претседателот. Вели биле на иста бранова должина со Пендаровски за референдумското прашање. Очекува шефот на државава да ги повика и другите политички партии да излезат на референдум…
Пријатно сум изненаден од ставот на претседателот Пендаровски за референдумското прашање и можам да признаам дека по подолго време сме на иста бранова должина со формулацијата, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што рече, очекува шефот на државата да ги повика и другите политички партии да излезат на референдум.
„Европската иднина, но и желбата на граѓаните, но, и на политичките субјекти не била под знак прашање и немало дилема, туку само патот. Мислам дека се движиме во правилна насока, еве ова што го кажа Пендаровски е во таа насока, да дадеме на граѓаните можност да одлучат каква да биде нивната европска иднина. Дали ваква каква што нуди власта на СДСМ-ДУИ или горда и достоинствена. Така што првпат може да кажам после подолго време слушнав нешто што вака делува разумно од страна на Пендаровски“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Предлогот на претседателот е доколку се одржи референдумот што го најавува опозицијата, тогаш референдумското прашање да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“. Пендаровски ова го изјави во интервју за неделникот „Фокус“.
„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки … Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“, вели претседателот Пендаровски во интервјуто.
Шефот на државата предлага да се симне и прагот од 50 плус 1 од запишаните гласачи, за да може оние што сакаат да гласаат тој ден. Власта и опозицијата да го сменат Законот за референдум, да се исчисти Избирачкиот список според новиот попис. Со ова, Пендаровски тврди дека значаен дел ќе бидат „за“ ЕУ.
Наташа Гркова-Петрушевска
