Вработените во „Колска“ протестираа пред УЈП во Велес
Со згаснувањето на фабриката за шински возила „Колска“ вработените предупредуваат дека земјава ќе остане без единствената фабрика која поправа патнички и товарни вагони. За нивна поправка ќе треба да се користат услуги во соседна Бугарија или Србија, каде цените биле неколку пати повисоки...

Откако утрото еден час го блокираа железничкиот патнички сообраќај, од Велес кон Битола и Гевгелија, два часа вработените на фабриката за шински возила „Колска“, протестираа пред подрачна служба на УЈП во Велес. Тоа беше нивен револт оти УЈП поради долг од 37 милиони денари, решила присилно да го наплати, со продажба на дел од имотот на фабриката.
Во текот на вчерашниот ден ССМ, пријавил до Државниот инспекторат за труд и побарал вонреден инспекциски надзор во „Колска“, оти се исплаќала плата од 15,2 илјади денари што е под законскиот минимум од 18 илјади денари. Вработените во фабриката велат дека со нејзиното згаснување, патничките и товарни вагони на железница, ќе се репарираат во странство, за далеку повисоки цени.
Кога слушнаа за протестот, нему му се приклучија и поранешни вработени, сега пензионери. Се сеќаваат дека и „Плавиот воз“ на Тито во 1970-та година бил репариран во „Колска“.
Фабриката за шински возила „Велес“ е меѓу најстарите на Балканот, изградена 1916-та година, од страна на Германците во периодот на Првата Светска војна, во тоа време била работилница. Тие ја изградиле за нивни потреби, за поправка на возовите кои сообраќале кон Солун и кон Лерин.
Од УЈП се огласија со писмено соопштение, дека биле исцрпени сите законски можности во случајот на „Колска“.
„УЈП ги исцрпи сите законски и правни механизми кои беа на располагање на фабриката за шински возила „Колска“, за која имаше донесено решение за одлагање на репрограмиран долг. По ова решение „Колска“ не успеа навремено да ги подмири ратите за репрограмираниот долг, но и новодоспеаните долгови. Поради тоа се блокирани по сите основи“.
Петар Печков
