Руско-украински конфликт

Извозот на жито од Украина и натаму неизвесен

29.07.2022 13:02

Извозот на жито од Украина неизвесен. Се уште се договараат клучните детали за безбедно минување на бродовите. „Ѓаволот е во деталите“, изјави шефот на агенцијата на Обединетите нации за хуманитарна помош и вонредни ситуации, Грифитс...

Иако првиот брод со жито се очекуваше да го напушти пристаништето Одеса во текот на денот, извозот сè уште неизвесен. Според шефот на Обединетите нации за хуманитарна помош Грифитс, сè уште се договараат деталите. На 22-ри јули, претставниците на Русија, Украина, Турција и он во Истанбул потпишаа договори за извоз на украинско жито и за укинување на ограничувањата за извоз на руски производи.

А украинските сили со ракетни системи со долг дострел, доставени од западот, ја засилија својата контраофанзива на југот од земјата за да ја вратат загубената територија.

„Овие пиштоли ја прават целата разлика, нивниот дострел и нивната точност. Руското бомбардирање е намалено за половина или дури и две третини“, изјави командантот на единица.

„Сега има баланс благодарение на артилеријата што западот ја испрати овде. Но, ние сè уште не сме во позиција да извршиме контранапад. Сè уште ни треба многу повеќе оружје или ќе има крвопролевање“, рече полковникот Јуриј Береса.

„Им недостигаат основни војнички вештини на кои е навикнат западот. Но, позитива е што ова е нивната татковина и сите војници се желни да ја одбранат“, рече пензионираниот американски маринец.

Украинските авиони нападнале пет руски упоришта околу Херсон кој граничи со анектираниот Крим. 15 лица беа повредени во близина на Киев во воена база. Руската војска пак втор ден по ред врши офанзива врз Авдеевка, која е под контрола на украинската војска.

Претседателот Зеленски го одбележа првиот ден на украинската државност.

„Денес за прв пат го прославивме денот на украинската државност. Се израдував кога видов колку луѓе топло го дочекаа овој празник. Се чини дека требаше да прославиме многу одамна. Но овој празник е востановен дури минатата година и сега е засекогаш“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Обединетите нации објавија дека речиси 6,2 милиони украински бегалци се регистрирани ширум Европа до 26-ти јули.

Марина Ристова