Комисиска расправа за избор на уставни судии
Во Комисијата за избори и именувања, ново продолжение на седницата за избор на уставни судии. Од пријавените 9, досега заврши расправата за двајца од кандидатите. Утврден е предлогот, апелацискиот судија Скендер да биде уставен судија, а професорката Живковска пак, не доби поддршка од мнозинството членови во Собраниската комисија …

Ново продолжение на комисиската седницата за избор на уставни судии. Пратениците расправаа за кандидатурата на Тања Васиќ Бозаџиева, предлог на мнозинството. Според ВМРО-ДПМНЕ, таа не е соодветен предлог за уставен судија и побараа да се повлече нејзината кандидатура. Сметаат дека таа не може да ја подобри довербата на граѓаните во институциите, особено не во судството.
На самиот почеток на расправата критики за неприсуството на поголем дел од членовите на Комисијата. „Со празните столици во салата од пратениците од власта, се докажува дека не сте заинтересирани за избор на уставни судии, обвини пратеничката Стојановска. Неможноста да соберете кворум е крајно несериозно, а со ваков начин се потврдува дека не ја почитувате опозицијата – додаде таа.
„Ова го разбирам како политички говор за напад на мнозинството. Не сум информирана дека е почнат годишниот одмор на пратениците, денес е работен ден и не гледам што е спорно, одговори претседателката на Комисијата Ѓеоргиевска.
Од пријавените 9, досега заврши расправата за двајца од кандидатите. Утврден е предлогот, апелацискиот судија Скендер да биде уставен судија, а професорката Живковска пак, не доби поддршка од мнозинството. Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски, јавен обвинител од основното јавно обвинителство во Охрид. Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Вака функционираат околу една година.
Наташа Г. Петрушевска
