По вчерашното невреме состојбата во Охрид се нормализира
По вчерашното невреме кое предизвика паѓање на лимен покрив од зграда при што оштети повеќе куќи и автомобили, а исто така беа скршени поголеми гранки од дрвјата на повеќе локации во градот, состојбата во Охрид денеска е нормализирана. Сепак паѓањето на лимениот покрив, втор по невреме во последниве неколку месеци го отвори прашањето за безбедноста, одговорноста и стручноста при изведувањето на ваквите конструкции на згради кои при изградбата имале рамен покрив...

По вчерашното невреме кога силниот ветер проследен со дожд и град откорна лимен покрив од станбена зграда којашто предизвика поголеми материјални штети на неколку куќи и автомобили, во Охрид денеска е сончев ден, улиците и парковите се расчистени и животот се одвива нормално. Сепак така не се чувствуваат луѓето каде што лимената конструкција нанесе огромни штети кои допрва треба да се санираат.
„Падна на нашава куќа на покривот. Големи оштетувања има, огромни, вода потече буквално река на течеше на спратов. Овој кат го реновиравме пред нецели три години,сега треба одново да се санира“,.
Треба што поскоро да се санира покривот бидејќи можно е повторно да има врнежи вели Драган, но бара и поддршка од општината особено сега кога е во тек градежната сезона.
„За лицата коишто вчера претрпеа штети во вчерашното невреме најголем проблем во моментов е да обезбедат мајстори, односно работна сила која ќе ги санира покривите. Затоа апелираат до општина Охрид да им помогне да го решат тој проблем“, вели Драган Ачимовиќ, сопственик на оштетена куќа.
Како и секогаш во вакви случаи противпожарната единица прва излезе на терен.
„Па причинител за откорнување на кровот е нестручната изведба на самиот кров. Значи треба за понатака да се преземат мерки и построги контроли на тие изведувачи кои ги извршуваат тие работи се со цел да не се случуваат вакви несакани последици“, вели Борко Јанкулоски, командир на противпожарна единица Охрид.
Вакво нешто може да се случи само доколку конструкцијата на лимениот покрив ја правеле нестручни лица бидејќи доколку лимот не е добро прицврстен, односно добро анкетиран за плочата и има струење на воздух под лимот при силен ветер целиот покрив лета како крило од авион, велат експертите, кои посочуваат дека мора да има одговорност за изведувачот и надзорниот орган, нешто што не веруваат дека ќе се случи.
„Мислам дека тоа е мислена именка за Македонија и за Охрид. Досега ниту е некој казнет, ниту е извршен надзор на кровна конструкција, ниту ќе се изврши. Тврдам одговорно дека ниту еден покрив што е направен дрвен или новиве што се направени било какви не е правен по пропис“, Димитар Зарчев-дипломиран инженер архитект.
Овој пат за среќа немаше повредени лица, меѓутоа време е надлежните да преземат активности, во иднина ваквите лимени покриви да не загрозуваат човечки животи.
Сашо Нелоски
