Активни над пет илјади ковид- случаи, засега нема нови мерки
Според епидемиолошки анализи во моментов од 5.196 активни случаи, најголемиот дел или 43 проценти се во главниот град – Скопје. Во Битола има 441, потоа следат Прилеп- 271, Охрид- 263 и Куманово- 245...

Во земјава моментално се активни над пет илјади случаи со Ковид-19 и таа се наоѓа во жолта зона, а Комисијата за заразни болести засега не препорачува нови мерки. Според епидемиолошки анализи во моментов од 5.196 активни случаи, најголемиот дел или 43 проценти се во главниот град – Скопје. Во Битола има 441, потоа следат Прилеп- 271, Охрид- 263 и Куманово- 245.
Вкупната бројка на ковид- дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 327.009, бројот на оздравени пациенти е 312.443, на починати е 9.370.
Според министерот за здравство Беким Сали, ако се земат предвид моменталните бројки во сите инфективни одделенија во државава и искуствата од минатото, ситуацијата со пандемијата во државава е се уште „оптимистичка“.
Ние забележуваме секојдневно благо зголемување на новоинфицирани во државата, Скопје се уште е жариште, односно црвена зона. Меѓутоа, од аспект на оптоварување на системот се уште сме во жолта зона, изјави вчера министерот Сали.
Апелира граѓаните со хронични болести да се вакцинираат со трета и четврта доза од вакцините против Ковид-19.
