Македонија

Охрид конечно преполн со туристи

30.07.2022 11:00

Конечно охридските сместувачки капацитети се преполни со туристи од земјава и странство. Овој тренд се очекува да продолжи и во наредните дваесеттина дена. Сепак дел од туристичките работници сметаат дека во текот на јули сезоната минала под очекувањата, не само поради лошите временски услови до средината на месецот, туку и поради недоволниот маркетинг на традиционалните странски пазари...

Охрид ја доживува кулминацијата на туристичката сезона којашто по традиција се случува пред и по Илинден. Хотелските и другите сместувачки капацитети се исполнети за што голем придонес имаат високите температури, бројните музички, културни и други настани. Сепак експертите сметаат дека моменталната состојба не треба да не залажува и успешноста да се споредува со двете пандемски години туку со 2019-тата како што тоа го прават другите земји кои според резултатите веќе се приближија на таа година. Сметаат дека потфрливме бидејќи заборавивме да се промовираме на традиционалните пазари мислејќи дека туристите ќе дојдат по навика.

„Како што напоменав претходно требаше да се направи една дипломатска офанзива кон туроператорите коишто традиционално носат туристи во Македонија. Требаше да им се влее сигурност и да им се каже дека Македонија ги почитува сите протоколи и сите услови и е отворена земја, и е сигурна и стабилна земја“, вели Асим Меѓедовиќ-менаџер на тур-оператор.

Иако Холанѓаните се присутни на охридското крајбрежје Меѓедовиќ смета дека сме го запоставиле тој пазар бидејќи ако во 2019-тата преку туроператорот „Корендон“ допатувале околу 14.000 туристи годинава нивниот број е 10 пати помал, а намалена е посетеноста и од други земји.

„Пазарот сè уште не е заситен од тие земји, тоа се големи земји и имаат огромен потенцијал, а традиционално истите доаѓаат во Македонија и луѓето се задоволни. А активностите коишто ги нуди дестинацијата придонесува да имаме континуитет во нашето работење. Истиот континуитет, истото работење ќе треба да се надградува“, додава Меѓедовиќ.

Државата треба многу посериозно да го третира туризмот бидејќи тој сектор според податоците на Светската туристичка организација е помеѓу оние коишто најбрзо закрепнуваат по пандемијата. А благодарение на него ќе заздрават и други сегменти од стопанството, пред сè прехранбената индустрија, земјоделството и руралните средини.

Сашо Нелоски