Македонија

Продолжуваат измамите со подигање брзи кредити на туѓо име со укадени лични податоци

30.07.2022 11:18

Крајна внимателност на кого се даваат лични податоци – апелира Слободан Ангелов, воен инвалид од конфликтот во 2001 година. Тој е последна жртва на измамници кои на негово име подигнале пет брзи кредити. Личните податоци му биле злоупотребени откако ги објавил на социјалните мрежи за хуманитарни донации...

Слободан Ангелов од кочанско Оризари е последна жртва на измамниците со брзи кредити. Неговите лични податоци се злоупотребени откако минатата година ги објавил на социјалните мрежи барајќи хуманитарна помош за да го обнови трошниот дом.

За измамата дознал кога отишол во неговата банка да аплицира за кредит. Го одбиле со образложение дека на негово име се подигнати пет брзи кредити кои со камата достигнуваат над 130 илјади денари.

Истрагата треба да покаже на кој начин се подигнати парите од сметката на Ангелов. Во последните години чести се ваквите измами со подигање брзи кредити на туѓо име со украдени лични податоци.

Според статистиката на МВР, добар дел од сторителите на ова кривично дело се луѓе блиски на жртвите, а дел од сторителите до туѓи лични податоци доаѓаат преку социјалните мрежи.

 

Славица Величковска