Злато за двајца млади пијанисти од Штип

15.04.2014 14:58

Злато за двајца млади пијанисти од Штип на меѓународен натпревар во Србија. Иако најмлади од сите учесници, со леснотија ги отсвирија Бах, и Бетовен. Ова не им се први награди, а ги очекуваат уште многу натпревари

Младите таленти Ана Марија Тикова и Сатја Александар Давитков, ученици во трето и четврто одделение, од меѓународен натпревар по пијано во Србија се вратија побогати за уште една награда.

„Свирев мал прелудиум об Бах и сонатина од Бетовен. Сите учесници беа многу поголеми од нас, така што ова е многу голем успех“, вели Ана Марија Тикова.

„Сите беа по 13-14 години, така што конкуренцијата беше голема , а натпреварот тежок“, рече Сатја Александар Давитков.

Освен талентот, освоеното прво место на младите штипјани е резултат на многу вежбање и труд.

„Со нашата наставничка вежбавме секој ден. Бевме многу упорни и затоа добивме прва награда“, додаде Ана Марија Тикова.

По Србија, Ана Марија и Сатја Александар ги очекуваат натпревари и во повеќе градови во државата.

„Не очекуваат натпревари во Гевгелија, Бугарија и во Дојран на натпреварот Дојрана кој се одржува за првпат“, рече Сатја Александар Давитков.

Инаку,  досега Ана Марија Тикова на домашни и меѓународни натпревари има освоено осум први и две трети места, додека Сатја Александар Давитков прв бил на пет, а втор на три натпревари.

Оливера Жежова