Тетово

Матичните лекари преплавени од пациенти со симптоми на Ковид-19

30.07.2022 11:35

Расте бројот на амбулантски прегледи на пациенти со симптоми на Ковид-19 кај матичните лекари во полошко. Голем дел од нив и одбиваат да се тестираат со оглед на лесната симптоматологија на новиот сој на вирусот, но тоа не треба да ги олабавува луѓето со непочитување на препораките и протоколите, велат здравствените работници…

Новиот сој на коронавирусот е многу повеќе раширен во полошко од прикажаните официјални статистики. Матичните лекари се преплавени од пациенти со симптоми на Ковид-19, но голем дел од нив одбиваат да се тестираат, некои ниту продолжуваат со здравствените прегледи и лекувања.

Граѓаните се олабавени, знаејќи ја лесната симптоматологија на новиот сој. Но, непочитувањето на протоколите и препораките, придонесува за брзо ширење на корона вирусот, ставајќи ги во ризик хронично болните и повозрасните лица, кои треба да започнат со инјектирање на трета или четврта бустер доза на вакцина.

Од вакциналниот пункт во Тетово, апелираат на помасовна имунизација, во пресрет на пикот на новиот сој на вирусот.

Во вакциналниот пункт во Тетово, дневно се инјектираат до четириесетина дози од вакцината Фајзер.

Зоран Димовски