Искуство и надеж за РК Вардар, Дејан Манасков повторно ќе го носи црвено-црниот дрес
Вардар ја реши позицијата лево крило, а со тоа ги подгрева надежите кај навивачите дека и во претстојната сезона може да конкурира за пехарите на домашната сцена.

Дибиров замина, дојде Манасков. Вардар ја реши позицијата лево крило, а со тоа ги подгрева надежите кај навивачите дека и во претстојната сезона може да конкурира за пехарите на домашната сцена. Откако ЕХФ реши административно да го елиминира Вардар, односно да не му дозволи настап во Лигата на шампионите, си замина и последната странска легенда, Тимур Дибиров, но ангажманот на Мансков и задржувањето на македонските играчи би требало да значи дека скопскиот тим нема така лесно да му го препушти приматот на големиот ривал Еурофарм Пелистер.
Манасков играше во Вардар во сезоната 2015-та/2016-та, но токму поради Дибиров немаше голема минутажа, а влезе и во проблеми со навивачите, па започна интернационална кариера, во Рајн Некар, а од 2017-та во Веспрем. По пет сезони во унгарискиот великан, македонскиот репрезентативец се врати во македонски клуб. Претходно, дома ги носеше дресовите на Борец и на Металург, а надвор играше и за Вецлар.
