Зеленски повика на задолжителна евакуација од Доњецк
Властите најавија и дека зимава во овој регион кој е под украинска контрола, нема да има греење поради уништената гасна мрежа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика населението од Доњецк на задолжителна евакуација. Властите најавија и дека зимава во овој регион кој е под украинска контрола, нема да има греење поради уништената гасна мрежа.
„Владата донесе одлука за задолжителна евакувација од Доњецката област. Ве молам евакуирате се. Во оваа фаза на војната, теророт е главното оружје на Русија“, рече Зеленски.
Москва пак потврди дека руската воена морнарица ќе добие хиперсонични ракети Циркон, а нивното позиционирање ќе зависи од руските одбранбени интереси. Во обраќањето по повод Денот на руската морнарица, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ја потпишал новата доктрина на морнарицата, која според некои аналитичари, вклучува нова генерација на нуклеарни подморници и други пловила опремени со хиперсонични проектили со долг дострел.
„Опремувањето на руските вооружени сили со овие ракети ќе започне во следните месеци. Фрегатата Адмирал Горшков ќе биде правата која ќе оди на борбени задачи со ова застрашувачко оружје. Способноста на руската морнарица е клучна. Таа може со секавична брзина да им одоговри на сите оние кои што ќе решат да ги загрозат нашиот суверенитет и слобода“, нагласи Путин.
Во меѓувреме, Украина и Русија побараа од Обединетите нации и Црвениот крст да ја истражат смртта на над 50 украински заробеници. Киев тврди дека загинале во руски напад врз затворот во Оленивка, а Москва пак дека затворот бил погоден од украински ракети. Од Црвениот крст информираа дека побарале пристап до затворот со цел да помогнат со евакуација и помош на повредените.
Марија Котовска
