Ковачевски: Барањето за референдум е нерелевантно, почнавме преговори за влез во ЕУ
Државата го почна патот за зачленување во Европската унија и нема враќање назад, а референдумот е нерелевантен, вели Ковачевски. Собраниското мнозинство веќе се изјаснило за преговарачката рамка. Порача, ВМРО-ДПМНЕ да расчисти внатре во партијата со идеолошките прашања. Според опозициската партија, Ковачевски бега од референдум, затоа што, како што велат, свесен е дека народот е против асимилацијата која тој ја турка, и затоа не сака соочување…

Пратениците да бидат на ниво на задачата – сите одлуки поврзани со зачленувањето во Европската Унија, вклучително и уставните измени да ги носат во интерес на граѓаните, повика премиерот Ковачевски. Тој потсети дека со зачленувањето во Унијата државата ќе треба да направи законски и уставни измени, со цел - дел од своите надлежности да ги пренесе на ЕУ.
Барањето за референдум што го отвори ВМРО-ДПМНЕ за премиерот Ковачевски е нерелевантно и единствено за внатрепартиска употреба на неговите опоненти. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се единствените партии кои се против членоството во ЕУ. Северна Македонија, рече премиерот, го почна патот за членство и од тој пат, како што рече, нема враќање назад.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека премиерот бега од референдум, затоа што како што велат е свесен дека народот е против асимилацијата која тој ја турка и затоа не сака соочување.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека неговата партија е за задолжителен референдум и оцени дека ако тој се одржи, а власта не го бојкотира, и формално правно ќе биде успешен.
Анита Димитријевска Велковска
