Шпанија е докажан поддржувач на евроинтеграциите на Македонија
Шпанија е докажан поддржувач на евроинтеграциите на Македонија – порача претседателот на шпанската влада Санчез при посетата на земјава. На средбата со македонскиот колега Ковачевски било оценето дека двете држави кои се и НАТО сојузнички, веќе три децении градат одлични билатерални односи и ваквите заложби ќе продолжат и понатаму. Подготвени сме за Европската унија и тоа е процес од кој нема да отстапиме, посочи македонскиот премиер по средбата. Пред платото на Владата пречек со највисоки државни почести…

Многу е важно земјите од Балканот и Северна Македонија да бидат дел од европската заедницата. Овој пат не беше лесен, но можете да сметате на поддршката на Шпанија кон вашата европска перспектива и за време на нашето претседателство, му порача шпанскиот премиер Педро Санчез на македонскиот колега Ковачевски. Тој истакна дека неговата посета на Македонија е симболична и доаѓа во време кога земјата го одблокирала патот кон Европската унија.
Премиерот Ковачевски пак изрази благодарност за поддршката на Шпанија за членството во Европската унија, но и за ратификацијата за влез на нашата земја во НАТО. Подготвени сме за Европската унија и тоа е процес од кој нема да отстапиме, порача Ковачевски по средбата.
Санчез се осврна и на руската агресија во Украина. Оцени дека тешката економска ситуација и неизвесноста не е поради санкциите на Русија, туку како што рече – поради агресијата на Путин кон украинскиот народ. Што пообединети сме, помалку време ќе трае војната-порача премиерот Санчез.
Дополнително на средбата, Санчез и Ковачевски разговарале за унапредување на билатералните односи и политичкиот дијалог меѓу Шпанија и Македонија.
Премиерот Санчез оствари средба и со претседателот Пендаровски.
Викторија Милевска
