Поскапо парно греење од денес, Владата најавува нови антикризни мерки
Ова е второ поскапување на парното годинава и со него просечна сметка од 1.800 денари се зголемува за 250 денари. Месецов, според најавите, се очекува да биде прогласена кризна состојба во земјава во делот на енергетиката. Од Владата најавуваат нови антикризни мерки за граѓаните и компаниите...

Парното греење од денеска поскапува за 14,18 проценти, а месецов се очекува повторно да биде прогласена криза состојба во енергетиката. Ова е второ поскапување на парното годинава и со него просечна сметка од 1.800 денари се зголемува за 250 денари. Одлуката за новата цена, според образложението на Регулаторната комисија за енергетика, се должи на драстично зголемените цени на гасот на светските берзи, кој се тргува по десет пати повисоки цени од пред кризата.
Од Владата најавуваат нови антикризни мерки за граѓаните и компаниите, а главна задача како што велат ќе биде да се обезбеди струја и други енергенси во текот на зимата. Со соседните држави се разговара за обезбедување алтернативни начини за снабдување со гас, а електроенергетските компании работат на обезбедување ликвидност и суровини за непречено производство на струја.
Министерството за финансии работи на дефинирање конкретни антикризни мерки, информираше вчера премиерот Ковачевски, потсетувајќи дека со ребалансот на Буџетот за поддршка на граѓаните и стопанството се предвидени 76 милиони евра. Почнат е и дијалог со стопанските комори во однос на дефинирање на мерките, пред сè, во однос на снабдувањето со електрична енергија.
Месецов, според најавите, се очекува да биде прогласена кризна состојба во земјава во делот на енергетиката, а остануваат апелите од надлежните институции до сите потрошувачи почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.
