Косово ја одложи одлуката за забрана на српски документи
Под притисок на дипломатите и демонстрантите, Косово ја одложи забраната за српските документи. Отстранета е блокадата на Мердаре. Јариње и натаму затворен. КФОР ја следи состојбата и е подготвен да интервенира доколку биде потребно. Лидерите на двете земји ја заоструваат реториката…

Официјална Приштина ја одложи одлуката за пререгистрација на српските возила и личните карти до септември. Американскиот амбасадор Џефри Ховеније се сретна со државниот врв на Косово и побара одложување на примената на овие одлуки кои требаше денеска да стапат во сила. Европската Унија го поздрави потегот, нагласувајќи дека отворените прашања мора да се решаваат со дијалог. Лидерите на двете земји ја заоструваат реториката.
„Ни претстои најтешката политичка борба во наредните недели и месеци. Им се заблагодарувам на сите за воздржаноста, пред сè, на Србите на Косово и Метохија кои ни ги чуваат името и презимето. Работиме на смирување, колку што можеме. За нас тоа е најважно. Како што реков и претходно, колку и да е тешко, нема предавање и Србија ќе победи“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
„Идните часови, денови и месеци може да бидат предизвикувачки и проблематични. Се соочуваме со српски национал-шовинизам кој ни е добро познат. Ќе работиме и дење и ноќе. Ќе дежураме за вас како граѓани и за нашата демократска република и заедно ќе успееме да ги одржиме редот и законот во секој дел од земјата“, рече премиерот на Косово, Албин Курти.
Граѓаните вчера поставија барикади на северот од Косово и Метохија. Беа блокирани магистралните патишта, како и административните премини Јариње и Брњак. Сообраќајот на Мердаре денеска се одвива нормално, но Јариње останува затворен. Според КФОР, безбедносната ситуација во општините на северот на Косово е тензична така што се подготвени да интервенираат доколку биде потребно.
Маја С. Филдишев
