Украина

Првиот брод со жито исплива од Одеса

01.08.2022 12:14

Голем чекор напред кон ублажување на светската криза со храна. Од Одеса тргна првиот брод со украинско жито. Уште неколку се на готовс да заминат кон крајните дестинации. Ова следува откако Москва и Киев со посредство на Анкара и на Обединетите нации постигнаа договор за деблокада на пристаништата. На терен, борбите продолжуваат со несмален интензитет...

По повеќемесечна блокада, од пристаништето во Одеса исплови првиот брод со украинско жито. „Разони“ плови под знамето на Сиера Леоне натоварен со 26 илјади тони пченка. Откако во вторник ќе ја помине инспекцијата во Истанбул ќе продолжи за Либан, по што на пат ќе појдат и други бродови со пратки. Како што соопшти украинскиот министер за инфраструктура, Олександр Кубраков уште 16 пловила ќе ги напуштат пристаништата преку безбедните коридори коишто ги договорија Москва и Киев. Ова донесе зрак надеж дека ќе се ублажи светската криза со храна и ќе се намалат цените на житото, кои изминатиов период уриваа рекорди.

„На пристаништето во Одеса беа натоварени 17 бродови со околу 600 илјади тони жито, коишто ќе заминат до пристаништата коишто се нивна крајна дестинација“, изјави Кирил Тимошенко, заменик-шеф на кабинетот на претседателот Зеленски.

Според пресметките на Киев, деблокадата на пристаништата на земјата ќе и донесе приход од најмалку милијарда долари, но и ќе им овозможи на украинските земјоделци да прават план за следната година.

„Со отворањето на пристаништето кај Одеса на Црно море ќе има три големи пристаништа коишто ако работат со својот максимален капацитет од шест милиони тони жито, плус транспортот преку патната и железничката инфраструктура, ќе бидеме во можност да го извеземе речиси целиот род на повеќе или помалку нормален начин“, изјави Кис Хавзинга, фармер.

Русија ги блокираше украинските пристаништа од февруари, но двете страни на 22 јули, со посредство на ОН и на Туркије склучија договор за безбедни коридори за бродовите во Црно Море и за воздржување од воени активности кои би го попречиле транспортот. Договорот е со важност од четири месеци и може да се биде обновен ако се согласни Москва и Киев. Сепак, и покрај спогодбата за храната, двете страни не се ниту блиску до ставање крај на непријателствата.

„Од стратегиска гледна точка, Русија нема шанси да излезе како победник во оваа војна. Затоа е неопходно да се задржи оваа терористичка држава за да се почувствува поразена на тактичко ниво. Неопходно е да ја задржиме на југот, на истокот и секаде со помош на одбраната, дипломатијата, политиката. Потребно е да го одржиме нашето единство, и сега и по победата за квалитетна обнова на она што го уништи окупаторот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.   

Украина јави за руски напад врз Харков и Миколаев во којшто загина еден од најбогатите украински бизнисмени. Во Севастопол на Крим, пак, е прогласено жолто ниво на тревога по извршениот напад со дрон врз штабот на Црноморската флота.

Мартин Пушевски