Крушево подготвено за празнување на Илинден
Илинденско Крушево подготвено за празнување. На Гумење почнува одбележувањето на „Десет дена Крушевска Република“. Пристигнуваат и 27-темина коњаници кои патувајќи со денови до градот, го реализираа 44-от традиционален Илинденски марш.

Крушево подготвено за прослава на Илинден. Историската знаменитост достоинствено ја одбележува 119-годишнината на Крушевската Република, првата на Балканот. Во спомен на илинденците синоќа пристигнаа и 27-мината коњаници од Горно Лисиче реализирајќи го 44-от традиционален Илинденски марш. Обединети во целта, од различни делови на земјава, се слеваат на Гумење, во Крушево.
Со поздрав на крушевчани коњаничката поворка влезе во градот, потсетувајќи на востаничкиот порив за ослободување на земјата. Свечениот миг на македонската коњаница забележан и од крушевчани и од присутните.
Во пресрет на празникот, капацитетите во Крушево се полни. Се бара место повеќе. Посетителите се од Македонија и од странство.
Параглајдеристите традиционално и годинава ќе го одбележат државниот празник, со прелети над Крушево.
Наташа Гркова-Петрушевска
