Регион

Се отстрануваат барикадите на северот на Косово

01.08.2022 13:04

Под притисок на меѓународната заедница, владата на Курти реши да ја одложи одлуката за менување на српските регистарски таблички и лични карти…

Официјална Приштина го одложи спроведувањето на мерката за пререгистрација на српските возила и воведување на декларациски документи наместо лични карти до септември. Одлуката за 30-дневното одложување е донесена по консултациите на косовскиот државен врв со САД. Најавите за активирање на мерката, која според Приштина е реципрочна во однос на политиката на Белград за косовските државјани кои влегуваат во Србија, предизвика револт кај населението на северот на Косово и Метохија. Блокадите кои беа поставени на магистралните патишта и административните премини Јариње и Брњак постепено се отстрануваат. Сообраќајот на Мердаре се одвива нормално, но секој со српска лична карта добива привремен документ.

„Немам кола. Да имав, ќе ги заменев како и сите.

„Не знам, нека нè остават да живееме нормално, другото не ме интересира. Време е да живееме како сите нормални луѓе во светот.

Во меѓувреме, во четири општини на северот на Косово со српско мнозинство беа поставени пораки „Добредојдовте во Заедницата на српските општини“. Договорот за формирање на ЗСО е постигнат уште во 2013 година, но Србите на Косово тврдат дека Приштина сè не ја исполнила обврската.

„Ни претстои најтешката политичка борба во наредните недели и месеци. Им се заблагодарувам на сите за воздржаноста, пред сè, на Србите на Косово и Метохија кои ни ги чуваат името и презимето. Работиме на смирување, колку што можеме. За нас тоа е најважно. Како што реков и претходно, колку и да е тешко, нема предавање и Србија ќе победи“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Идните часови, денови и месеци може да бидат предизвикувачки и проблематични. Се соочуваме со српски национал-шовинизам кој ни е добро познат. Ќе работиме и дење и ноќе. Ќе дежураме за вас како граѓани и за нашата демократска република и заедно ќе успееме да ги одржиме редот и законот во секој дел од земјата“, рече премиерот на Косово, Албин Курти.

Европската Унија го поздрави потегот, нагласувајќи дека отворените прашања мора да се решаваат со дијалог. Според КФОР, безбедносната ситуација во општините на северот на Косово е тензична така што се подготвени да интервенираат доколку биде потребно.

Лидерот на Чеченија Кадиров објави на Телеграм дека ја следи ситуацијата во која, според него, е вмешан и НАТО како трета страна. „Не е можно да се застане ниту на страната на Србите, ниту на страната на Косовците. Но, постои недвосмислен и единствен став што треба да го заземат и двете страни. И оваа позиција не е политичка, туку религиозна“, напиша Кадиров.

 

Маја С. Филдишев