Македонија

Помор на риби во Кумановка, Пчиња со виолетова боја

01.08.2022 14:04

Помор на риби во кумановско. Државниот инспекторат за животна средина е на терен. Се проверува прочистителната станица, но и фабриката за преработка на зеленчук во село Драгоманце во Старо Нагоричане, откако бојата на Пчиња стана виолетова.

Во водите на Кумановка, под познатиот Искрин мост е забележан помор на риби. Очевидците за македонската телевизија раскажуваат дека се работи на поголема количина. Велат оваа појава се повторува по неколкупати во текот на годината, при поголеми врнежи. Посочуваат дека можен загадувач може да биде Пречистителната станица за отпадни води, која се наоѓа во близина. Велат анализите покажаа дека водата не содржи тешки метали, кои би го загрозиле животинскиот свет.

„Кога ќе е поголема количина на вода тоа не се забележува, го разредува отворот, талогот од станицата, а кога е мала вода тоа е катастрофа за реката, го уништува целиот животински свет, се што има внатре уништува“, вели Марко Смилевски, долгогодишен рибар.

„Кога ќе се пушти поголема вода, го зголемува нивото на реката  тие бегаат на крај и одеднаш реката се намалува, и рибите остануваа на суво, умираат“, истакна Драги Младеновски, ЗСРРК Пчиња Куманово.

„Сега ловиме, но нема што, се е угинато, нема ништо. Најважно угината е малата риба, сега што е изведено, а ги гледав овде имаше многу, но сега нема ништо“, нагласи Александар Саздовски, долгогодишен рибар од Куманово.

По пријавата на терен излезе Државниот инспекторат за животна средина. Извршен е вонреден надзор во пречистителната станица, по што е констатирано дека истата е во функција. Надзорот продолжува и денеска. Инспекторите воедно ќе вршат надзор и во општина Старо Нагоричане, на реката Пчиња кај село Драгоманце, каде бојата на водата се смени во виолетова. Граѓани алармираа дека се испушта одредена течност од фабриката за обработка на печурки, цвекло и друг зеленчук.

„Имаме сомневање за деградација на животна средина. Денеска и таму инспекторот ќе направи увид ќе побара да види дали истата фабрика има елаборат за заштита на животна средина и што е предвидено во елаборатот за третман на технолошките води“, истакна Сретен Стојковски, директор на Инспекторат за животна средина.

Рибарите се надеваат дека во иднина ќе се спречат вакви катастрофи, кои можат да влијаат и на здравјето на жителите кои користат вода од Пчиња, но и дека ќе се врати интересот за риболовство, бидејќи поради ваквите случувања се помал е бројот на членови во друштвата.

 

Елена Георгиевска