ЕУ го поздрави потегот на Приштина, Русија со поддршка за Србија
Официјална Приштина го одложи спроведувањето на мерката за пререгистрација на српските возила и воведување на декларациски документи наместо лични карти до септември. Одлуката за 30-дневното одложување е донесена по консултациите на косовскиот државен врв со САД...

Официјална Приштина го одложи спроведувањето на мерката за пререгистрација на српските возила и воведување на декларациски документи наместо лични карти до септември. Одлуката за 30-дневното одложување е донесена по консултациите на косовскиот државен врв со САД. Најавите за активирање на мерката, која според Приштина е реципрочна во однос на политиката на Белград за косовските државјани кои влегуваат во Србија, предизвика револт кај населението на северот на Косово и Метохија. Блокадите кои беа поставени на магистралните патишта и административните премини Јариње и Брњак постепено се отстрануваат. Сообраќајот на Мердаре се одвива нормално, но секој со српска лична карта добива привремен документ.
„Немам кола. Да имав, ќе ги заменев како и сите.“
„Не знам, нека нè остават да живееме нормално, другото не ме интересира. Време е да живееме како сите нормални луѓе во светот.“
Во меѓувреме, во четири општини на северот на Косово со српско мнозинство беа поставени пораки „Добредојдовте во Заедницата на српските општини“. Договорот за формирање на ЗСО е постигнат уште во 2013 година, но Србите на Косово тврдат дека Приштина сè не ја исполнила обврската.
„Работиме на смирување, колку што можеме. За нас тоа е најважно. Како што реков и претходно, колку и да е тешко, нема предавање и Србија ќе победи“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Се соочуваме со српски национал-шовинизам кој ни е добро познат. Ќе работиме и дење и ноќе. Ќе дежураме за вас како граѓани и за нашата демократска република и заедно ќе успееме да ги одржиме редот и законот во секој дел од земјата“, рече косовскиот премиер Албин Курти.
Европската Унија го поздрави потегот на Приштина, нагласувајќи дека отворените прашања мора да се решаваат со дијалог.
„Секој што е вклучен во ова треба да остане смирен. Какви било некоординирани и еднострани активности кои ги загрозуваат стабилноста и безбедноста на терен и ја попречуваат слободата на движење на сите граѓани таму мора веднаш да запрат“, изјави Петер Стано, портпарол на Еврокомисијата за надворешни работи.
Русија со поддршка за Србија. Кремљ смета дека барањата на Косово се неосновани.
„Веруваме дека земјите кои го признаа Косово, кои се гаранти, треба да го искористат своето влијание за да ги предупредат косовските власти да не преземаат никакви избрзани чекори кои би довеле до натамошна ескалација на тензиите. Бараме и да се почитуваат сите права на Србите“, нагласи Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
КФОР ја оцени безбедносната ситуација како тензична и е подготвен да интервенира доколку биде потребно.
Маја С. Филфдишев
