Култура

Киевскиот театар со шекспировата „Кротењето на опаката“ на Охридско лето

01.08.2022 14:48

Со претстава на Киевскиот регионален музички и драмски театар вечерва започнува интернационалниот дел од драмската претстава на фестивалот Охридско лето. Во рамки на украинската вечер публиката ќе може да ја проследи претставата „Кротењето на опаката“ која на некој начин е ново современо читање на Вилијам Шекспир. Ова е прво појавување на Киевскиот театар на интернационална сцена од почетокот на војната во Украина.

Точно на половина од фестивалот „Охридско лето“ вечерва во предворјето на катедралната црква Света Софија публиката ќе може да ја проследи театарската претстава „Кротењето на опаката“ од Вилијам Шекспир во режија на Викторија Шевченко. Според зборовите на актерската екипа од Киевскиот регионален музички и драмски театар станува збор за современо читање на најголемиот светски драматург што нема да ја остави рамнодушна публиката.

„Искрено ги покануваме гледачите да бидат присутни на нашата претстава бидејќи современата интерпретација на Шекспир ќе биде интересна за нив“, вели Маргарита Овчарова-актерка.

„Претставата е несекојдневна и многу специфична бидејќи режисерката има сменето буквално се. Има специфичен пристап кон шминката, костимите и имаше храброст да смени некои делови од делото на Шекспир и затоа сметам дека претставата ќе и се допадне на публиката“, изјави Владислав Красиков-актер.

Додека се води војна во нашата земја ние водиме наша духовна борба и имаме надеж дека нашата порака ќе ја слушне целиот свет, беше речено на прес конференцијата.

„Ова е наше прво појавување на интернационалната сцена од почетокот на руската агресија. Војната не само што го спречува нормалното функционирање на културниот сектор, го уништува културното наследство туку ги одзема и животите на многу цивили меѓу кои има и професионални уметници. Секој има свое оружје а за нас тоа е културното и уметничкото“, нагласи Виталиј Томњук-раководител на одделение за култура, националности и религии.

„Големо е задоволството во вакви тешки услови и неподносливи услови за живот во Украина што имаме гости од оваа земја. Благодарност до Украинската амбасада во С. Македонија којашто ни помогна да стапиме во контакт и да го реализираме ова нивно гостување“, истакна Сања Арсовска-селектор на драмска програма на Охридско лето.

Арсовска посочи дека се радува што украинските актери наместо тревога, проектили и истрели ќе се чувствуваат безбедни на сцената на фестивалот.

Сашо Нелоски