Ин мемориам

Почина Илинка Митрева

01.08.2022 15:56

Делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните.

На 72-годишна возраст почина поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева, објави Sоцијалдемократскиот сојуз. Како еден од основачите на партијата, Mитрева го трасираше патот до она што СДСМ е денес.

Голем е придонесот на професорката Митрева во градењето и афирмацијата на македонската државност во времињата кои беа полни со сериозни предизвици, пишуваат од СДСМ. Додаваат - делото на Митрева останува трајно богатство за македонската дипломатија и пример за одговорен, државнички однос кон функцијата, кон државата и иднината на граѓаните.

Илинка Митрева по дипломирањето на Филолошкиот факултет во Скопје - група романска филологија во 1973 година, магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград, а потоа и докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје.

Како професор по француска книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевност работи од 23 ноември 2001 до 31 октомври 2002 година. Автор е на повеќе стручни и научни трудови. Функцијата пратеник во собранието ја извршува од 1994 до 2001 година. Од 13 мај до 23 ноември 2001 беше министерка за надворешни работи, а потоа во 2002 година повторно е назначена на оваа функција.