Празник

Во манастирот „Прохор Пчински“ се враќа државното одбележување на Илинден

01.08.2022 17:59

По речиси две децении, во манастирот „Прохор Пчински“ се враќа државното одбележување на Илинден, столбот на современата македонска држава. Ќе се служи и заедничка литургија. Македонците во Србија го прославуваат државниот празник.

Во манастирот „Прохор Пчински“ утре по 18 години ќе се одбележи најголемиот празник Илинден на местото каде што се удрени темелите на македонската државност и каде што е одржано Првото заседание на АСНОМ.

Утре овде македонската делегација ќе ја предводи претседателот Стево Пендаровски, а во делегацијата се и министри меѓу кои ќе биде и министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и владици од МПЦ. Домаќин ќе биде срспкиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ и делегација од СПЦ.

Она што ексклузивно го дознавме е дека утре овде, покрај одбележувањето на Илинден, овде во манастирот Св. Прохор Пчински за праникот на Свети Илија ќе се одржи заедничка литургија на владиката Наум заедно со српскиот владика на Врањската епархија, Пахомије.

Она што малку се знае е што утрешниот ден, 2 Август е државен празник на македонското малцинство во Србија.

Одбележувањето на Илинден во манастирот „Прохор Пчински“ дојде како иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, по добиениот благослов на српскиот патријарх Порфириј и одобрувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ.

 

Од манастирот „Прохор Пчински“ за МТВ известува Оливер Бранковиќ