Илинден

Пендаровски: Со историската вистина нема компромис

02.08.2022 13:06

Наша должност е да се грижиме нашата Република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол, фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република – порака за Илинден од претседателот на државата Стево Пендаровски…

Со историската вистина нема компромис, таа не може да се промени ниту со Договор, ниту со Протокол, говорењето на историските факти не може да биде говор на омраза – порача претседателот Пендаровски на одбележувањето на Денот на Републиката. Ги повика граѓаните да не стравуваат од асимилација, денационализација и историски ревизионизам, бидејќи македонскиот народ не подлегнал на таквите обиди во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, па нема да подлегне ниту сега.

Во рамките на нашите заложби за целосна интеграција на земјава во Европската Унија, имаме цврста намера да ги исполниме сите услови од европските преговарачки поглавја, но немаме намера, наместо за европски вредности да разговараме за возобновување на империјалистичките концепти и идеи од минатите векови, рече претседателот.

Претседателот Пендаровски постхумно ја одликуваше Невена Георгиева-Дуња со Орден за воени заслуги, со што вели се исправа историска неправда, бидејќи Дуња иако била прва партизанка и учествувала во формирањето на три одреди, никогаш не била прогласена за Народен херој. Со Орден на Републиката постхумно одликуван Крсте Црвенковски, а беа доделени и осум медали за храброст на борци – сведоци на антифашистичката борба.

Овој чин на одликувања го правиме во период кога нашата држава по којзнае кој пат се соочува со обиди за негирање на националната самобитност на македонскиот народ и обиди да бидат оспорени уникатните национални белези, рече претседателот Пендаровски.

Марина Стојанова-Тонева