Свет

Убиен лидерот на Ал Каеда

02.08.2022 13:20

Прецизната операцијата била изведена со американско беспилотно летало, откако Ал Завахири бил лоциран во неговиот семеен дом во Кабул. Со месеци бил следен од тајните служби, а убиен е на терасата од неговата куќа со две ракети истрелани од дрон.

Тежок удар за терористичката мрежа. Во Кабул е ликвидиран лидерот на Ал Каеда, Ајман Ал Завахири. Прецизната операцијата била изведена со американско беспилотно летало, откако Ал Завахири бил лоциран во неговиот семеен дом во Кабул. Со месеци бил следен од тајните служби, а убиен е на терасата од неговата куќа со две ракети истрелани од дрон. Во нападот, нема други загинати и повредени. Антитерористичката мисија е успешна, донесена е правда, оддолжени се животите на жртвите во нападите на 11-ти септември, рече американскиот претседател Бајден.

„Правдата е задоволена и овој терористички лидер повеќе го нема. Луѓето во светот повеќе не треба да се плашат од злобниот и решителен убиец. Соединетите Држави продолжуваат да демонстрираат решителност и капацитет за одбрана на американскиот народ од оние кои сакаат да му нанесат штета. Повторно појаснуваме дека колку и да трае, каде и да се криете, ако сте закана за нашиот народ, САД ќе ве најдат и ќе ве извадат пред лицето на правдата“, нагласи претседателот на САД, Џо Бајден.

Меѓународната заедница со многубројни реакции по веста за ликвидацијата на водачот на Ал Каеда. Смртта на Завахири е чекор кон побезбеден свет, оцени канадскиот премиер Трудо. Од министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија, потсетуваат дека Завахири го сметаат за терористички водач кои ги предводел, планирал и извршил грозоморните крвави операции во нивната земја. Авганистанците, пак, се сомневаат.

„Прво не мислам дека лидерот на Ал Каеда би можел да биде во Кабул, бидејќи се терористичка група, не би го испратиле овде лидерот. Нападот што се случи пред два дена беше само за сеење страв кај народот“, вели Мохамед Билал – студент.

„Тие не дадоа никакви докази, треба да народот и на светот го убивме овој човек и еве ги доказите. Треба и да им разјаснат на луѓето, како овој човек се најде овде“, вели Абдул Кабир, жител на Кабул.

71-годишниот лекар со египетско потекло, го презеде водството на Ал Каеда по смртта на Осама Бин Ладен. Ал Завахири беше еден од 22-јцата најбарани терористи во светот, а за неговата глава се нудеше награда од 25 милиони долари. Одигра централна улога во нападите во американските амбасади во Кенија и во Танзанија во 1998-ма година, но и во нападите врз кулите близначки во Њујорк и зградата на Пентагон во Вашингтон, каде што беа убиени речиси три илјади луѓе.

Маја Д. Стојанова