Чествување на Пелинце

Џафери: Да градиме држава без дискриминации

02.08.2022 15:26

Никој нема помалку или повеќе право да ја сака, брани и да се гордее, или пак да се фрустрира за успесите и неуспесите, на Република Северна Македонија. Таа е наш, заеднички дом и сите имаме една иста цел, да градиме држава без дискриминација, со почитување на правата и слободите на сите граѓани, без оглед на етничката, верската, политичката припадност, пол, социјален и економски статус, порача од Пелинце претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО и во ЕУ, рече собранискиот спикер Талат Џафери пред присутните во Пелинце. Тој оцени дека последните години општественото ткиво е длабоко поделено, разјадено, групирано во табори на предавници и патриоти, русофили и албанофоби, комуњари и вмровци, што според него не оди во полза на државата.

Последиците од кризата во Украина и пандемијата ги чувствува и нашата земја, и затоа е потребно обединување, истакна Џафери. Потсети дека како членка на НАТО повеќе не сме сами. Земјата останува посветена на градење на добрососедски односи, а со поддршка на партнерите и пријателите направила чекор кон европското семејство.

Џафери зборуваше и дека никој нема право повеќе или помалку да ја сака, да ја брани и да се гордее со Северна Македонија, затоа што како што рече – таа е наш заеднички дом.

Анита Димитријевска-Велковска