Свет

Реакции за посетата на Пелоси на Тајван

03.08.2022 12:37

САД никогаш нема да се откажат од Тајван. Пелоси и покрај противењето на Кина, допатува во Тајпеј и им се обрати на тајванските пратеници. Кина одговори со воени маневри во близина на островот. Вашингтон ја предупреди Кина да не ја користи посетата на Пелоси, како изговор за воена акција против Тајван...

„Кина го спречуваше Тајван да учествува на одредени состаноци, но нема да спречува луѓе да доаѓаат во Тајван“, изјави претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси пред Парламентот на островската земја којашто Кина ја смета за своја територија. Пелоси нагласи дека Тајван е пример за демократско и технолошки развиено општество за разлика од она што се случува во континентална Кина.

„Светот треба да го види успехот на народот на Тајван, и тоа е една од причините за нашето патување. Нивната храброст да ја сменат сопствената земја, да стане подемократска. Нивната почит кон луѓето, искрено, тие се пример во регионот во овој контекст“, Ненси Пелоси • Претседател на Претставничкиот дом на САД.

Кина се закани со воени вежби.

„САД се провокатори, Кина е жртва. Првин се случи заедничката провокација од САД и Тајван, па праведната одбрана на Кина. Во однос на реципрочните мерки, можам да ви кажам дека ќе биде сторено сè што е потребно“, изјави Хуа Чунјинг, портпарол на кинеското МНР.

Тајван го осуди потегот.

„Маневрите најавени во шест области околу Тајван, вклучувајќи ги и југозападот, истокот и југоистокот, од 4 до 7 август значат морска и воздушна блокада. Таквата активност ја покрива територијата на нашата земја и на морето. Го нарушува суверенитетот и ги прекршува регулативите на конвенциите на ОН“, изјави Сун Ли-Фанг, портпарол на тајванското Министерство за одбрана.

Пекинг го повика на разговор американскиот амбасадор. Го прекина увозот на цитрусни овошја и риба од Тајван, како и извозот на песок. Народот изрази разбирање за реакцијата на владата, но и разочараност од леснотијата со која Пелоси ја спровела својата агенда за Тајван.

„И Кина и САД сакаат да избегнат војна. Сигурно е така зашто двете земји си се потребни една на друга во трговијата и други области. Мора да извршиме притисок поради посетата на Пелоси на Тајван, но без сила“.

„Никогаш не рековме дека ќе војуваме. Нели е логична владината реакција? Ајде да се фокусираме на сопствениот развој, па еден ден ќе им вратиме“.

Русија во одбрана на Кина. „Вашингтон треба да ја признае новата геополитичка реалност во која нема место за американската хегемонија“, изјавија од руското МНР.

„Имаат тенденција да им докажат на сите дека се неказниви и да покажат беззаконие. Нешто како: „Или по мое, или никако“. Не гледам друга причина за предизвикување на ваква нервоза од никаде, знаат многу добро што ова значи за Народна Република Кина“, Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

САД ја предупредија Кина да не ја користи посетата на Пелоси како изговор за воена акција против Тајван. Во меѓувреме, заедно со Индонезија, Јапонија и Сингапур ги почнаа годишните воени вежби на Суматра. Во маневрите кои се сметаат за најголеми од 2009 година учествуваат над 5000 војници.

Маја С. Филдишев