свет

Владата на Црна Гора и СПЦ го потпишаа Темeлниот договор

03.08.2022 13:24

Претходно, се собраа граѓани кои се против потпишувањето на договорот со СПЦ, барајќи премиерот Абазовиќ јавно да го соопшти содржината и датумот на потпишување на договорот...

Патријархот на Српската православна црква и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ во Подгорица го потпиша Tемелниот договор.

Претходно, се собраа граѓани кои се против потпишувањето на договорот со СПЦ, барајќи премиерот Абазовиќ јавно да го соопшти содржината и датумот на потпишување на договорот.

Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ соопшти оти денеска ќе ја поведе иницијативата за гласање недоверба на владата на Абазовиќ и дека потпишаниот темелен договор со СПЦ ќе биде суспендиран по изборот на нова извршна власт.

Информираа дека иницијативата за гласање недоверба на владата е отворена за сите оние кои, исто така, сметаат оти извршната власт се однесува неодговорно кон националните интереси на Црна Гора.

„Идејата за потпишување договор со српската православна црква е стара. Жалам што не беше реализирана во претходниот период. Владата е решена на сите верски заедници да им даде потполно исти права. Верувам дека на овој начин се испраќа порака за мир и толеранција, дека се врти нов лист“, изјави Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора.

„Благодарен сум на сите кои од 2012-та година додаваа по едно камче во мозаикот на патот кој не доведе до овде. Благодарен сум им и на тие што не се согласуваа секогаш да стигнеме до овој момент, оние кои на свој начин, можеби и несвесно, а Бог секого може да го употреби како добро, придонесоа да сфатиме колку е важно меѓусебното разбирање. Да сфатиме колку е важно да се бориме едни за други“, изјави патријарх Порфирије, поглавар на СПЦ.