Формула 1

Интерлагос – последен предизвик сезонава

22.11.2013 15:33

Спортската понуда на Македонската телевизија викендов ќе биде збогатена и со преносите од квалификациите и трката за Големата награда на Бразил. Шампионатот е решен, па во пресрет на последната трка сезонава веќе се размислува за идната, се формираат возачките eкипи, се промовира, се обвинува, но и се шпекулира, а за трката најмалку.

Спортската понуда на Македонската телевизија викендов ќе биде збогатена и со преносите од квалификациите и трката за Големата награда на Бразил. Шампионатот е решен, па во пресрет на последната трка сезонава веќе се размислува за идната, се формираат возачките eкипи, се промовира, се обвинува, но и се шпекулира, а за трката најмалку.

По најавите дека старо-новиот шампион Себастијан Фетел ќе му овозможи на својот клупски колега Марк Вебер со победа да се прости од својата последна сезона во Формула 1, демантот стигна од првиот човек на шампионскиот тим. Крис Хорнер тврди дека Вебер не треба да се надева на помош од Фетел и дека Германецот сега сака да го подобри сопствениот рекорд на девет победи едноподруго, иако не крие дека би било убаво за Вебер да се прости од Формула 1 од највисокото место на пиедесталот.

Сведоци сме на нешто порелаксирани односи меѓу тандемот на Ред Бул откако во Остин разменија неколку збора, но и дека Вебер посакува одмазда за Малезија, кога и покрај тимската наредба беше минат од Фетел и оневозможен да стигне до првата победа сезонава.

Од таборот на Ферари Ди Монтеземоло тврди дека Алонсо во никој случај нема да ја има улогата на број 1 во тимот, дека очекува соработка меѓу Шпанецот и Раиконен за кои верува дека го надминале конфликтот од МекЛарен во 2007-та. Алонсо, пак, откако ја обезбеди вицешампионската титула кај возачите е скептичен дека Ферари може на последната трка да го мине Мерцедес и да стигне до второто место меѓу конструкторите. Се јави и довчерашниот возач на Ферари, кој по Бразил минува во редовите на Вилијамс. Фелипе Маса ги нарече „проститутки“ возачите кои плаќаат за своето место во Ф1 болидите, притоа не негира дека и самиот има обврска да го искористи своето име и реноме и да донесе спонзорски пари во новиот тим. Од Ред Бул и информацијата дека тие се рекордери на брзото менување пневматици откако во Остин измериле дека кај Вебер стопот (паузата) траел 1секунда и 92 стотинки.

А, сепак, и покрај тоа што не решава речиси ништо за разлика од многу претходни трки, Интерлагос е предизвик, поради самата конфигурација, брзите делници , но и бразилските фанови. Минатата година победи Батон прекинувајќи ја тригодишната доминација на Ред Бул со две победи на Вебер и една на Фетел, а Маса во 2008-та беше последниот Бразилец што славел на домашното гран при.

Квалификациите се утре од 17 часот ,трката в недела во истиот термин со преноси на собранискиот сервис на МРТ.

 

Зоран Видевски