Куманово: Шест пожари, причина човечки фактор
Шест пожари изминатото деноноќие се регистрирани во кумановско. Најсериозна интервенција била во село Шупли Камен, каде огнот бил во близина на викендички. Со брзата реакција на пожарникарите огнот е ставен под контрола. Од пожарната единица апелираат граѓаните да внимаваат каде фрлаат отпушоци и да не палат оган на отворено. Досегашните анализи покажуваат дека човечкиот фактор е причина за пожарите...

Кумановските пожарникари изминатото деноноќие интервенирале на дури шест пожари. Повеќето од пожарите биле во кумановско, но имало интервенција и во близина на гробиштата во липковско Оризаре, каде горела сува трева и стрниште. Пожарникарите огнот успеале да го изгаснат во 23 часот. Во ноќните часови гаснеле и сува трева во село Романовце и Пчиња. Најсериозна била интервенцијата во Шупли Камен, бидејќи огнот бил во близина на викендички.
„Огнот имаше опасност да ги зафати околните викендички и помошни објекти, но за среќа со брза и навремена интервенција од ТППЕ Куманово пожарот за кратко време беше локализиран и успешно ликвидиран“, истакна Даниел Илиевски, командир на одделение ТППЕ Куманово.
Од кумановската противпожарна единица посочуваат дека најголем причинител за пожарите е човечки фактор и невниманието.
„Сува трева, стрништа, еден апел до граѓаните да внимаваат со фрлање отпушоци и да не се пали оган на отворено“, дополни Илиевски.
Територијалната противпожарна единица Куманово располага со доволен број возила и вработен. Освен во Куманово тие интервенираат и на пожарите во општина Липково, а по потреба помагаат и на колегите од Старо Нагоричане. Во Старо Нагоричане пожарникарите пак изминатото деноноќие имале една интервенција на гаснење суви дрвја и трева во месноста „Коњски мост“.
Елена Георгиевска
