МНР и МО ѝ одговорија на Захарoва: Нашата држава самостојно носи одлуки
Испораката на тенковите за Украина е голема грешка на северномакедонските власти, реагираше руското Министерство за надворешни. Портпаролката Захарoва оценува дека со тоа дополнително се влошува состојбата. Македонската влада веќе реши воено-технички да го поддржи Киев, заеднички одговор на Министерствата за надворешни и одбрана...

Донацијата на 31 тенк од Скопје за Киев е голема грешка, коментираше портпаролката на руското МНР, Захарова. Русија смета, иако станува збор за застарена опрема, со донацијата се дава поддршка за како што велат – продолжување на криминалните активности на режимот во Киев“.
„И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна“ донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испораката на оружје за Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои проповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сево ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
На изјавата на Захарова реагираа македонските Министерства за надворешни и за одбрана. Во соопштението велат дека нашата држава самостојно носи одлуки водејќи се од принципите на меѓународните документи и дека уште на самиот почеток ја осудила воената интервенција во Украина.
„Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независниот на Украина, а пред сè во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила. Имено, досега, Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција“, пишува во соопштението од двете министерства.
Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено политички сојуз, НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации, се вели во реакцијата на македонските министерства.
Анита Димитријевска Велковска
