Меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата
СДСМ со обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски немаат чувство за државност, ВМРО-ДПМНЕ, пак вели, секој нов ден на чело со СДСМ и ДУИ на власт е нов неуспех на власта и на Република Македонија...

Секој нов ден на чело со СДСМ и ДУИ на власт е нов неуспех на власта и на Република Македонија. Граѓаните се свесни каква катастрофална национална политика води СДСМ и оваа влада, велат во ВМРО-ДПМНЕ.
„Власта секојдневно се обидува да го покрие сопствениот неуспех и тоа им стана практика, иако не им поминува. Во обид да го затскрие својот неуспех, се обидува да ги обвини ЕУ за нивниот неуспех или пак ВМРО-ДПМНЕ за недоволна борба, за она коешто тие го направија како предавство“, рече портпаролот Арсовски.
И додека ВМРО-ДПМНЕ ги обвинува власта и СДСМ дека на Мечкин камен со партиски војници го штителе премиерот Ковачевски од омаловажување и исвиркување, социјалдемократите велат, граѓаните масовно и достоинствено го прославија празникот, но ВМРО-ДПМНЕ на најголемиот државен празник, продолжи со недостоинствено, неодговорно и антидржавно однесување. Опозициската делегација доцнеше и ја напушти манифестацијата пред интонирање на химната. Тоа неодговорно и срамно однесување, вели портпаролката на СДСМ, Кузеска.
По Илинден, остануваат препукувањата меѓу двете најголеми партии, кој е поголем европеец и кој повеќе се грижи за државата.
Миле Ристески
