Македонија низ уметнички слики во период од еден век
Во Охрид е отворена изложба на оригинални уметнички дела насликани од странски уметници коишто престојувале во Македонија од 1850-та до 1950-та година. Делата на некој начин претставуваат приказ на животот, обичаите и традициите во тој период, но и убавините со коишто располага македонската земја.

Љубителите на уметноста во Охрид во Куќата на Уранија имаа несекојдневна можност да присуствуваат на отворањето на изложбата на слики од странски уметници во периодот од 1850-тата до 1950-тата година. На 60-тината оригинални дела во различни техники од приватната колекција на Влатко Милошевски, магистер по компјутерски науки кој живее и работи во Холандија се претставени луѓето, градовите, пејзажите, обичаите и историските настани во текот на еден век. Колекцијата на Милошевски која макотрпно ја создавал во изминатите две децении брои над 200 слики и негова желба е за неа да се најде простор каде што таа постојано ќе биде изложена.
„За Македонија 1850-та, 1950-та е извонреден историски момент. Тука имаме дела каде што се презентирани од Мис Стон грабнувањето, Првата Светска војна во Македонија, Илинденското востание, Втората Светска војна, сите тие дела се овековечени. Секое дело е еден времеплов, еден прозорец во нашата историја“, вели Влатко Милошевски-сопственик на колекцијата.
Синоќа беше промовиран и Лексиконот на странски сликари коишто во текот на еден век твореле на македонска почва, прв од ваков вид во нашата земја.
„На околу 400 страници претставени се 246 сликари кои биле во Македонија, кои направиле едно или повеќе дела, кои престојувале од неколку дена до неколку месеци, а некои и подолг период и во овој лексикон се поставени односно има фотографии на 590 репродукции на слики кои се однесуваат на Македонија“, изјави Зоран Андонов-новинар.
Уметниците покрај тоа што ги потпишувале своите дела, го ставале и местото каде што сликале така што на многу слики напишале Македонија во период кога официјално немало македонска држави, што значи дека знаеле кај доаѓаат.
Сашо Нелоски
