Македонија

МО без конкретни детали за четирите „Сухои-25“ донирани на Украина

04.08.2022 12:31

Дали по донацијата на тенкови за Украина, македонското Министерство за одбрана ги донираше и четирите авиони „Сухои“ купени во 2001-ва. Од ресорното министерство нема директен одговор. Велат, наскоро одлуките ќе бидат транспарентно објавени, борбената готовност на нашата армија не е нарушена...

Министерството за одбрана без конкретни детали дали по донацијата тенкови 7-72, Северна Македонија на Украина ги донирала и четирите авиони „Сухои-25“, купени токму од оваа земја за време на конфликтот во 2001-та година. Од ресорот во пишаниот одговор до јавниот сервис информираат:

„Точните детали за сите три одлуки, нивната содржина и објаснување ќе бидат декласифицирани и транспарентно објавени. Со досега донесените одлуки не се нарушува борбената готовност на нашата армија“, велат од министерството.

Три од авионите едносед и еден двосед беа приземјени и конзервирани пред многу години, откако Министерството за одбрана соопшти дека повеќе нема потреба од воздухопловите, а пропадна и идејата од пред една деценија тие да бидат приспособени на НАТО стандардите.

Ресорот претходно потврди дека на Украина и е дадена донација од тенкови од третата генерација, кои со развојот на технологијата станале неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа“. Ова ја предизвика и реакцијата на Москва.

Од руското МНР рекоа дека властите во Скопје направиле голема грешка со донација, на што македонските власти одговорија дека ние сме суверена држава, којашто одлуките ги носи самостојно, водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право.

Миле Ристески