Македонија

Русковска побара меѓународна поддршка, Муареми бара докази за наводите за сторен криминал

04.08.2022 12:58

Шефицата на Обвинителството, Русковска, побара меѓународна поддршка, за како што вели, притисоците од директорот на Финансиската полиција, Муареми, кој е под истарага. Ќе презентирам пред јавноста да се види кој сторил криминал, вели Русковска. Муареми со одговор - негонењето на криминал поради притисоци претставува кривично дело. Ја повика, доколку располага со сознанија да ги докаже, а на јавноста да и пласира обвинителен акт...

Обвинителката Русковска ги повика амбасадите и домашните институции на помош поради, како што вели, притисоците на директорот на Финансиската полиција Муареми, откако тој најави дека на обвинителите кои му извршиле претрес ќе им поднесе кривични пријави.

Рускоска обвини дека во државата има криминал, но и притисоци тој да не се гони. Муареми и одговори дека негонење на криминал поради притисоци претставува кривично дело и се придружи кон повикот случајот да го разгледаат амбасадите и институциите и да го утврдат, како што рече, незаконското и неетичко постапување на обвинителството со кое раководи Рускоска.

„Згрозувачки е овој притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на ОЈО ГОКК кое е стриктно забрането, согласно Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР, преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина“, напиша обвинителката во писмото, по што за МТВ дополни дека нема сомнение оти интенцијата и на републичкиот обвинител Јовески, е борбата против криминалот.

Откако Рускоска рече дека е подготвена во јавноста да сподели информации до кои дошло Обвинителството за постапувањето на Муареми, повиканиот владин функционер и одговори да ги докаже наводите за сторен криминал и да поднесе обвинение.

„Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа. Обвинителке, ако се земат последните анкети во предвид, довербата на јавноста и не ви е многу наклонета. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, напиша во одговорот директорот Муареми.

Конфликтот меѓу Рускоска и Муареми почна кога обвинители за гонење на организиран криминал и корупција извршија претрес во просториите на финансиската полиција. Муареми, тогаш ја пријави Рускоска кај државниот обвинител Јовески кој, пак, соопшти дека обвинителката дала наредба за незаконски претрес во Финансиската полиција.

Анита Димитријевска Велковска