Македонија

Реакции по писмото на Русковска до странските амбасади

04.08.2022 14:58

Здружението на јавни обвинители е зачудено од, како што го нарекоа, драматичниот полноќен повик на Русковска до меѓународниот фактор. Оттаму сметаат дека Обвинителството има доволен капацитет и затоа, не е потребен надзор од амбасади или надворешни организации. Владата ги повика сите институции, професионални и одговорни да ги извршуваат нивните задачи. Долгогодишниот правник, Александар Новаковски, пак, предупреди дека јавните преписки меѓу институциите, коишто се главни во борбата против организираниот криминал и корупција само ја нарушуваат, и онака ниската доверба во правосудството...

Со писмото на Русковска, во кое се повикуваат странски амбасади и меѓународни организации се нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо се прекршува етичкиот кодекс на јавните обвинители. Здружението на јавни обвинители зачудено од отворениот допис до јавноста од шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност. Меѓутоа, при постапувањето во предметите и тие како и сите останати јавни обвинители мора да се водат од начелата на законитост и правичност. Ниту еден јавен обвинител не смее да се смета себе си за семоќен и да одбива контрола над постапувањето“, се вели во реакцијата.

Адвокатот и долгогодишен правник, Александар Новаковски оценува дека ваквите јавни преписки не им доликуваат на институциите кои треба да се главни во борбата против организираниот криминал и корупција. Според него, тоа ја урива довербата во системот и во владеење на правото, која ионака е ниска.

Се огласи и Владата. Апелираше до сите институции, професионално и одговорно да ги извршуваат задачите според своите надлежности.

„Никој не треба да влијае врз работењето на државен орган, каков што е јавното обвинителство, кое го охрабруваме да постапува законито, непристрасно и објективно, посочи Владата.

Марија Котовска