Македонија

ДЗР: Бавна динамика и зголемени трошоци за инфраструктурните проекти

04.08.2022 15:11

Застој, бавна динамика на реализација, зголемени трошоци за инфраструктурните проекти, констатира Државниот завод за ревизија во извештајот за јавните инвестиции коишто се финансираат од заеми. Во него стои дека само за камати и провизии се дадени 58 милиони евра. За автопатот Кичево - Охрид, биле повлечени над половина од позајмените пари, што довело до трошоци од над 38 милиони долари. Проблеми лоцирани и за изградбата на клиничкиот центар во Штип...

Застој и бавна динамика на реализација, а раст на трошоците со милионски суми од првично проектираната.

За 11 стратешки инфраструктурни проекти државата платила 58 милиони евра само за камати, провизии и казни за неповлечени средства, обелодени Државниот Завод за ревизија.

Само за автопатот Кичево – Охрид, за кој има два заеми тешки 684,7 милиони долари, повлечени се нешто повеќе од половина, или 382,6 милиони, што навлекле трошоци вредни 38,6 милиони, со ризик од продолжување на рокот на градежните работи, дополнителни побарувања од 179,7 милиони долари за извршување на истите, но и раскинување на договорите и меѓународна арбитража. А делницата сè уште бавно се гради.

Под лупа на ревизорите била и изградбата на нова и реконструкцијата на старата делница од пругата, Бељаковце – Крива Паланка. Се работи со заем од 145 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, сума од која досега се земени само 10 проценти, 1,45 милиони евра за кои се сторени трошоци од 6,4 милиони. Проектот склучен пред осум години, и по дополнителен доделен грант од 68,6 милиони сè уште е во ризик од губење на финансиската поддршка за неговата реализација, што треба да биде до 2025-тата.

Ревизорите констатирале дека износот за проектна документација на проверените инфраструктурни проекти од 209 милиони евра, бил зголемен за 40,6 милиони на сметка на дополнителни и непредвидени работи,

„Со анализа на приходите на ЈП за државни патишта утврдивме дека приходите се помали од вредноста на вкупните инвестиции на годишно ниво, освен за 2020-та и 2021-ва година, што предизвикува неизвесност во реализацијата на инвестициите во патната инфраструктура“, стои во извештајот.

Слабост не биле само парите, туку и содржината на проектите почнати од 2014-та до 2016 та година.

„Имаат бавна динамика на реализација, која се должи на слабости во техничките решенија како дел од проектната документација, раскинување договори со изведувачи од различни причини, започнуваше постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација што го блокира ефикасното решавање на експропријација“, се вели во извештајот.

Заглавена се и проектите во железницата, Јавното претпријатие Инфраструктура нема пари. Државните ревизори констатирале, застој, незавршени работи, реализација од само еден процент до 2019-тата на договорните работи почнати во 2012-тата.

„Во 2019-та и 2020-та година договорите за Коридор 8 и Коридор 10 се раскинати. Во период на вршење на ревизијата во тек беа евалуации за избор на нови изведувачи“.

Неизвесно и завршувањето на регионалниот клинички центар во Штип проследен со бавна динамика, измени во проектна документација, откажување на кредиторот за заем и натамошно финансирање.

Сузана Фиданска Стоевска