Македонија

Фламенко балетот „Луксурија“ за роденденот на „Охридско лето“

04.08.2022 15:53

Денеска „Охридско лето“ го слави својот роденден. На 4-ти август пред точно 62 години завесата на оваа престижна манифестација со својот настап ја подигна оперската дива Ана Липша Тофовиќ, една од основачите на фестивалот „Охридско лето...

Со настапот на Фламенко балетот „Луксурија“ од Барселона вечерва на Античкиот театар Фестивалот ќе го одбележи 62-от роденден. Критичарите велат дека „Луксурија“ е посебна поради тоа што истовремено е крајно модерна,но и екстремно традиционална, дозволувајќи ваквата синтеза да има ефект врз музиката која е микс на класика, џез и конвенционална фламенко музика. Се очекува вечерва музичарите и танчарите кои се задоволни од сцената и целиот амбиент да ја покажат својата препознатлива страст кон уметноста.

„Покана до сите во Охрид да уживаат во претставата вечер која меѓудругото е добро прифатена и тоа што ќе може да се види вечер е класично фламенко но со модерни примеси“, рече танчерот Давид Гутјерес.

„За прв пат сум во Македонија. Значајно е бидејќи настапуваме пред нова публика, на ново место. Интересно е тоа што езерото го носи името на градот“, рече танчерката Паула Рејес.

Овој проект се реализира со поддршка на амбасадата на Шпанија во земјава која години наназад соработува со фестивалот.

„Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со фестивалот со цел да ги претстави шпанските уметници на овој престижен фестивал и во неспоредливиот амбиент на Охрид, средина класифицирана од УНЕСКО како заедничко наследство на човештвото“, изјави Хосе Луис Лозано Гарсија, амбасадор на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија.

„По 62-ри пат низ фестивалски вечери одекнува гласот на уметноста ширум целиот свет. Над 1 000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста“, изјави Наташа Поповиќ-директор на Фестивалот „Охридско лето“.

За настапот на Фламенко балетот од Барселона владее голем интерес во Охрид и се очекува вечерва на Античкиот театар публиката да има уште едно возбудливо роденденско доживување.

Сашо Нелоски