Кина

Растат тензиите во Тајванскиот теснец откако Кина ги отпочна воените вежби

04.08.2022 16:19

Кина околу Тајван ги отпочна најголемите воени вежби во последните, речиси три децении. Во нив се користи боева муниција, авиони, бродови. Истрелани и 11 балистички ракети, на што реагираше Јапонија со протестна нота. Тајпеј на готовс. Посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом, Ненси Пелоси на островот го разгневи Пекинг, кој одлучи на ваков начин да ја демонстрира својата моќ. Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, рече дека Вашингтон направил неодговорен и нерационален чекор. Асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија предупреди дека ситуацијата може да ескалира во отворен конфликт…

Растат тензиите во Тајванскиот теснец. Островот под целосна блокада. Кина ги почна најавуваните воени вежби-најголемите во последните речиси три децении. Боева муниција и директен оган од ракети со долг дострел – демонстрација на сила од Пекинг во знак на незадоволство поради посетата на американската претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Тајванското министерство за одбрана соопшти дека активирало одбранбени системи како одговор на лансирањето, додавајќи дека ја осудува ирационалната акција на Кина, која според нив, го уништува регионалниот мир.

Групата седум индустриски развиени земји, ги осуди вежбите, велејќи дека „нема оправдување да се користи посетата како изговор за агресивна воена активност во Тајванскиот теснец, повикувајќи ја кина тензиите да ги реши на мирен начин.

Кина, пак, посетата на Пелоси ја оквалификува како неодговорна и ирационална.

„Денешната Кина не е старата Кина пред 100 години, која беше понижувана и малтретирана. Кина има право да го поддржува својот суверенитет и територијален интегритет. Тензиите во Тајванскиот теснец се фундаментално предизвикани од американското договарање на лицето број три на американската влада. Кина јасно го истакна нашето строго противење и истакна дека ние сме цврсто против независноста на Тајван, доколку САД продолжат по погрешниот пат, тогаш ќе ги сносат и последиците“, изјави Хуа Чунјинг, портпарол на Министерството за надворешни работи на Кина.

Белата куќа се правда. И покрај тоа што ја признава таканаречената политика на една Кина, но дозволува неформални врски со Тајван, се спротивстави на посетата на Пелоси во услови на зголемени тензии со Пекинг.

„Патувањето на спикерот е личен избор и тоа не ја менува долгогодишната политика на САД. Нема причина Пекинг да ја претвори оваа посета во некаква криза или да ја користи како изговор за зголемување на агресивните воени активности во или околу Тајванскиот теснец“, рече Карин Жан-Пјер, прес-секретар на Белата куќа.

Министрите за надворешни работи на асоцијацијата на нации од Југоисточна Азија од средбата во главниот град на Камбоџа порачаа дека ситуацијата во Тајван може да доведе погрешни пресметки, сериозна конфронтација, отворени конфликти и непредвидливи последици за големите сили. Во заедничкото соопштение повикаа сите засегнати страни „да се потрудат максимално да ги деескалираат тензиите и да избегнуваат дејствија кои можат да придонесат за ескалација на тензиите“.

Бојана Крстевски