Реал Мадрид и Барселона доминантни на стартот од “плеј офот“

16.04.2014 09:29

Победата од 88:71 беше најавена уште во првата четвртина кога домашните направија предност од 27:12, и не ја испуштаа до крајот...

Екипата на Реал Мадрид славеше убедливо над европскиот првак Олимпијакос, во првиот натпревар од четвртфиналето на кошаркарската Евролига. Победата од 88:71 беше најавена уште во првата четвртина кога домашните направија предност од 27:12, и не ја испуштаа до крајот. Најдобар во победничкиот тим беше Руди Фернандез со 20 поени, 6 скокови и 5 асистенции, Миротиќ постигна 15 поени, а Љуљ и Родригез по 12. Кај Олимпијакос единствен на ниво беше Спанулис со 18 поени и 5 асистенции.

Уште подоминантна беше победата на Барселона во дуелот со Галатасарај, со 88:61. За разлика од Реал, Каталонците беа во подредена ситуација на стартот и му дозволија на дебитантот во оваа фаза да дојде до 21:14 по првите 10 минути, а потоа и да го добие полувремето со 35:33. Сепак, во второто Барса постигна 55 а прими само 26 поени, што придонесе за убедлива победа и водство во серијата.   

Словенецот Нахбар беше најефикасен со 19 поени, Наваро постигна 12 за победникот, а Порториканецот Аројо го заврши мечот со 14 поени и беше единствен двоцифрен во редовите на единствениот турски претставник во оваа фаза.

Со овие стартни победи Реал и Барса поведоа во серијата до 3 добиени натпревари, а ќе бидат домаќини и во вторите дуели кои се играат задутре. Во меѓувреме вечерва почнуваат и другите два двомеча во четвртфиналната фаза, во кои ЦСКА го пречекува Панатинаикос во Москва, а Емпорио Армани во Милано му е домаќин на Макаби.