Куманово: Се подготвува 25-то издание на „Денови на комедија“

05.08.2022 13:05

Вкупно 12 театри од земјава, Србија, Бугарија и Хрватска е планирано да настапат на јубилејното 25-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово. Актерот Благоја Чоревски ќе биде лауреат на годинашното издание. Покрај фестивалот, Центарот за култура активно продолжува да работи и на реконструкција на Народниот театар...

Течат подготовките за 25-то јубилејно издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ Куманово. Надлежните од Центарот за култура информираат дека е предвиден настап на 12 театри од Македонија, Србија, Бугарија и Хрватска. Фестивалот ќе го отвори комедијата „Приватни животи“, на градскиот театар Винковци, а традиционално ќе го затвори кумановскиот театар.

„Очекуваме успешни Денови на комедија, подготовките веќе се при крај, скоро сите претстави се договорени, сигурни сме дека ќе има голем интерес за ова јубилејно издание на фестивалот“, вели Сашо Тодоровски, директор НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.

Поради пандемијата од ковид 19 изминативе две години согласно протоколите беше ограничен бројот на посетители, иако капацитетот на салата е 600 места. Надлежните се надеваат дека годинава салата ќе може да ги прими сите љубители на комедијата. Актерот Благоја Чоревски ќе биде лауреат на годинашното издание. Покрај фестивалот, установата активно работи и на реконструкција на Народниот театар. Наскоро треба да започне и втората фаза. Министерството за култура за оваа намена одвои девет милиони денари.

„Беа неколку фирми за втората фаза сите кога ќе дојдат гледаат дека е стар објект, комплицирано, а финансиските средства се тие со кои располагаме и многумина и се откажуваат, кога ќе видат за што се работи. Но, се надевам дека во втората фаза електрика и водовод со тие средства да ја завршиме“, дополни Тодоровски.

За целосна реконструкција објектот го очекуваат уште три фази. Но, и покрај реконструкцијата актерската екипа продолжува со работа. Се подготвува и премиера на комедијата „Ковачи“, во режија на Дејан Дамјановски.

Елена Георгиевска