Политика

Власта и опозицијата со меѓусебни критики и обвинувања

05.08.2022 14:35

Власта и опозицијата и денеска на иста тема, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за предавство, од СДСМ велат, паднале лагите на опозицијата кои единствено служеле да се попречи напредокот на државата...

Власта и опозицијата не стивнуваат со критики и обвинувања.

„Ковачевски да се извини на македонскиот народ затоа што ја носи државата против волјата на граѓаните кон ново национално предавство“ велат од опозицијата. Додаваат, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи промена на Устав по ниту една цена. Обвинуваат дека на државата и се случува економски крах – ценовни шокови, поскапувања, инфлација, најнизок раст на БДП во регионот, најмалку странски директни инвестиции.

„Започна процесот на преговори со ЕУ, пропаднаа лагите за наводна асимилација и бугаризација на опозицијата“, велат социјалдемократите. Од партијата со став-времето покажало дека сите лаги служеле единствено за да се попречи напредокот на државата и таа да се врати назад во изолација и неизвеснот.

„Преговорите се водат на македонски јазик, со чиста формулација, без никакви фусноти и додавки, со заштитен македонски јазик и со историски прашања надвор од преговарачкиот процес. Со тоа пропаднаа сите лаги за наводна асимилација и бугаризација, за загрозување на македонскиот идентитет што хистерично ги ширеше ВМРО-ДПМНЕ. Времето покажа дека сите такви лаги служеле единствено за да се попречи напредокот на државата и таа да се врати назад во изолација и неизвеснот“, велат од владејачката партија.

Повикуваат сите да се вклучат во процесот на преговори, потребните реформи да бидат донесени за преговарачкиот процес да заврши што побрзо.

Наташа Гркова Петрушевска