Зајакнува наплатата на даноци
Во буџетот за периодот јануари- јули се инкасирани за 19,3 насто повеќе пари од даноци споредбено со лани. За над 46 насто била зголемена наплата од данокот на добивка. Од Управата за јавни приходи велат, за граѓаните кои скенираат фискални сметки со ребалансот на буџетот се проектирани 2,2 милијарди денари за поврат на ДДВ. За дел од корисниците напредната апликација е веќе оперативна…

За половина година во државната каса се слеале за 19,37 насто повеќе пари од даноци споредбено со истиот период, јануари-јули минатата година, велат од Управата за јавни приходи. Најмногу пари се собрани од Данокот на добивка за 46,77 проценти повеќе.
Со ребалансот на буџетот, Управата за јавни приходи доби задача да ја зајакне наплатата, за 8,76 насто да собере повеќе пари од Данокот на добивка, за 7,5 проценти да ги зголеми приходите од Данокот на личен доход, а за 10 насто од ДДВ.
Во прекроената државна каса се проектирани 2,2 милијарди денари да се одлеат за поврат на Данокот на додадена вредност на граѓаните. Дел од корисниците на МојДДВ може да продолжат да ги скенираат фискалните сметки преку приспособената апликација-останатите мора да одат во даночните одделенија на регионалните дирекции на УЈП каде има баркод читачи за да ги внесат во системот. За електронски внес, сега повторно ќе мора да се ажурира апликацијата, по најавата наместо основен да се одбере напреден бар-код скенер.
Од Управата велат дека почната е исплатата на парите за поврат на ДДВ за последното тримесечје за граѓаните кои скенирале фискални сметки.
Сузана Фиданска Стоевска
