Зголемена работа на Итната помош во Куманово
Над 130 интервенции дневно бележи Итната помош во Куманово. Од оваа здравствена установа информираат дека топлото време предизвикa проблеми кај повозрасните граѓани и хронично болните. Но, има интервенции и по сообраќајни незгоди и пожари...

Службата за Итна медицинска помош во Куманово бележи значајно зголемување на бројот на интервенции. Топлото време предизвика проблеми кај граѓаните. Дневно оваа здравствена установа одговара на над 130 повици. Велат високата температура најмногу им пречи на повозрасните граѓани и хронично болните. Зачестени се телефонските повици на граѓаните за помош при колапси, претежно на јавни места и површини, но и по сообраќајни незгоди.
„Не ги почитуваат препорачаните мерки, не земаат редовно терапија. Им укажуваме од 11 до 17 часот да не излегуваат, но не слушаат. Зголемен е бројот на интервенции за сообраќајни незгоди, има некогаш и пожари, но најчесто сообраќајки, хронично болни, дијабетичари“, вели Исмет Ферати, доктор во Итна помош Куманово.
Здравствените работници пропорачуваат да се следат насоките на матичните лекари, а особено хронично болните редовно да ја земаат препишаната терапија. Граѓаните коишто ги прашавме велат дека практикуваат прошетки во вечерните часови и дека периодов конзумираат повеќе течности.
„Многу е топло, тешко е, се криеме во ладни простории дома. Избегнуваме излегување, само навечер“, вели еден повозрасен граѓанин.
„Излегуваме порано, кога има потреба и подоцна, мораме да одиме“, дополнува друг.
„Повеќе сме внатре, поручок ако излеземе некогаш“, нагласува кумановка.
Од Итната помош информираат и дека засега состојбата со ковид позитивни пациенти е стабилна. Повеќето поминуваат со лесни симптоми, во домашни услови, во консулатации со матичните лекари.
Од оваа установа апелираат и до возачите периодов, кога имаат почести повици, да ја почитуваат обврската за првенство на минување на возилото на итната помош, бидејќи некогаш минути одлучуваат за нечиј живот.
Елена Георгиевска
