Кина: Маневрите се професионални и во согласност со законот
Вербална војна меѓу Тајпеј и Пекинг поради маневрите во тајванскиот теснец. Кина го заострува односот и со САД. Државниот секретар Блинкен го осуди Пекинг поради прекинот во комуникацијата со Вашингтон. Обединетите нации предупредија, невозможно е да се решаваат светските прашања без дијалог меѓу САД и Кина...

Тајпеј тврди, кинески авиони и бродови симулираат напад на главниот тајвански остров. Пекинг се брани, маневрите се професионални и транспарентни, и во согласност со домашните и меѓународните закони. Бројот на зони околу Тајван во кои се изведуваат вежбите се зголеми на седум. Најновата криза во Индопацификот почна по посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси којашто не беше одобрена од страна на Кина. Пекинг инсистира меѓународната заедница да одговори на притисокот од САД.
„Ако го игнорираме мешањето во нашите внатрешни работи, светот ќе му се врати на законот на џунглата, а Вашингтон безобѕирно ќе користи сила да ги малтретира другите земји. Не можеме да им дозволиме на САД повторно да преземат такви чекори“, порача Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Вежбите траат до утре, а Јапонија и другите членки на Г7 ја повикаа Кина да ги запре маневрите во Тајванскиот теснец за да не биде нарушена стабилноста во регионот. Пекинг одговори со контрамерки против САД, вклучувајќи и санкции за Пелоси и прекин на соработката во повеќе области.
„Затворија осум клучни области во кои можевме да соработуваме. Меѓу нив се и неколку воени канали, клучни за да се избегне погрешна комуникација и криза. Ние ќе ги држиме отворени нашите канали за комуникација со Кина со цел да се избегне ескалација поради недоразбирање и некомуницирање“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Обединетите нации предупредија, невозможно е да се решаваат светските прашања без дијалог меѓу САД и Кина.
Маја С. Филдишев
