Македонија

Граѓаните се жалат на поскапувањата, трговците на намалениот промет

06.08.2022 13:11

Растот на трошоците им го згорчи животот на граѓаните. Синдикатите бараат платите да се усогласат, инфлацијата достигна 14,5 насто. Владата вели подготвува нов пакет антикризни мерки...

Едните се жалат на цените, другите на продажбата. Растот на трошоците им го згорчи животот на граѓаните. Пазаруваат во грч, мерат, премеруваат колку може да се купи со она што го имаат во џебот. Велат, почнувајќи од лебот па сè понатака е поскапено – млекото, јајцата, овошјето, зеленчукот.

Според последните, јавно објавени податоци, инфлацијата достигна рекордни 14,5 отсто на годишно ниво.

Поради растот на цената на енергенсите, прозводителите се приморани да ги креваат цените. Трговците велат – се купува само она што мора.

Владата најави дека се подготвува нов пакет антикризни мерки за граѓаните и за компаниите. Засега контурите не се познати, иако во неколку наврати беше посочено дека мерките ќе бидат таргетирани кон најранливите. Додека власта ги прави пресметките, Сојузот на синдикатите на Македонија неделава гласно побара да се реализира усогласувањето на платите за најмалку 2.806 денари за вработените во јавниот сектор за да се амортизира ударот од ценовните шокови.

Мартин Пушевски